Апел за разумно користење на водата

ЈП „Комуна“ Крушево

Почитувани,

Летото во Крушево е во полн ек и се соочуваме со високи температури, а малку врнежи. Тоа доведува до намалување на издашноста на изворите и недостаток на вода.

ЈП „Комуна“ Крушево сака да апелира до сите граѓани на општина Крушево сите заеднички да придонесеме за разумно и правилно користење на водата. Тоа значи користење на водата за најнеопходните потреби, односно најмногу за пиење и одржување на лична хигиена, а што е можно помалку за останатите потреби.

Во ова сме сите заедно. Комуналното претпријатие секогаш ќе ја сноси најголемата одговорност за состојбите, но треба да знаеме дека и сите ние како граѓани сносиме одговорност затоа што нашето однесување придонесува состојбите да се менуваат на подобро или на полошо.

Во овие моменти на високи температури имаме прилика да покажеме одговорност и да создадеме чувство дека секој од нас директно придонесува за водоснабдувањето да биде редовно. Со тоа, да помогнеме на сите угостители во нивниот пречек и услуга кон туристите, но и да си помогнеме самите себе за да имаме што помалку рестрикции во текот на летниот период.

Драги сограѓани,

Проблемот со водоснабдување трае долго. Има одредени подобрувања, но „Комуна“ за свој приоритет го поставува решавањето на овој проблем. Еднаш засекогаш овој проблем мора да биде надминат. И покрај сите пречки и недостатоци ние се обврзавме да го решиме.

Се до целосно надминување на овие проблеми да бидеме одговорни, да бидеме свесни и да ја чуваме нашата животна средина и сите природни ресурси кои живот значат.

Искрено се надеваме дека со овој апел ќе допреме до вас, а резултатите од истиот ќе ги видиме за многу скоро. Да бидеме одговорни, да бидеме свесни за водата, да останеме посветени на заштита на животната средина.

Со почит,
ЈП „Комуна“ Крушево.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

ЈП „Комуна“ - Крушево